Monday, September 17, 2012

Валс

Помеѓу моите чекори и твоите стапки -
густа магла од туѓи здивови,
огорчени, осамени, завидливи,
туѓи погледи со остри заби насмеани.

Помеѓу моите чекори и твоите стапки -
маѓепсан круг од прегратки,
од мириси, од ритмови.

Помеѓу моите чекори и твоите стапки  -
во недоглед се множат стапалки.
Ако забрзам - се оддалечуваш,
ако застанам - се приближуваш.
Ете си, на дофат од стапалава,
но знам, ако те стапнам ќе исчезнеш...

Помеѓу моите чекори и твоите стапки
остана само ветрот да свири некој валс,
и неколку суви лисја
да танцуваат немо, без глас.

Tuesday, September 11, 2012

Неполна пола секунда

Се стемнува и разденува
во една неполна секунда;
имам неполна пола секунда да те бакнам пред да си отидеш
и уште исто толку пред да се вратиш.

Во една неполна пола секунда:
ми ги лижеш раните,
за потоа да ги гризаш во уште една неполна пола секунда,
за потоа да ги бакнуваш во уште една неполна пола секунда,
за потоа да ги раскрвариш  во уште една неполна пола секунда,
за потоа да ја пиеш крвта  во уште една неполна пола секунда,
за потоа да ги измиеш усните од љубов црвени
во очиве од солзи горчливи...

Не, немој да ме жалиш па посакуваш во една неполна секунда,
немој да ме сакаш па сожалуваш во една неполна секунда,
немој да ме молиш па оставиш во една неполна секунда.
Остави ме да те мразам и презирам во бескрајно полни секунди.
Така ми е полесно.

Tuesday, July 10, 2012

Нашиот град


Нашиот град е последна станица за сите осамени прегратки.
Во него воздухот е сув зашто никој веќе не плаче.
Сонот е само уште едно бладање по истрошените навики.
Јазиците ни се напластени со лушпи од лаги и ласкања.
Ладни се рацете што нудат допири,
збрчкани се погледите зашто го изгубиле сјајот.
Се гушиме зашто вдишуваме духови -
ни го стегаат грлото и ја губиме свеста.
Иднината одамна одминала а ние го чекаме минатото да се врати.
...
Нашиот град може да ти раскаже каде згрешивме.

Tuesday, May 15, 2012

Калдрма блуз


Оваа калдрма упорно ја товарам со несоници
а таа немо ги впива во своите пори
каде се таложат како прашинки на мокар јазик.
Залудно чека некој ветрец да ги издува,
со бакнеж или воздишка сеедно.
Залудно, овде воздухот не се менува
ниту кога во душата бури се брануваат.
Само по некој син акорд се стркалува
на нејзините румени образи
и некаде кај вратот се претвора во свирепа дисторзија
која лакомо го гризе и раскрвавува мекото месо.
Додека на нејзините слепи трепки
се лепат грутки туѓи погледи,
се надвиснува новото утро
со мирис на испарен алкохол,
стар љубовник и истрошен паричник.
Сонот успеа итро да ја заобиколи нејзината свест...
Сеедно, и онака тој е привилегија на среќните
и на среќно заљубените.




Saturday, May 12, 2012

Месечина

Кога ќе пораснам малечка
ќе се протнам низ ѕвездите како сениште
и ќе ја дофатам Месечината.
Гласно ќе му ја украдам на заспаното небо
и ќе ја тркалам по дупнатите улици,
ќе ја извалкам во градскиот смог,
ќе ја налепам со туѓи воздишки,
ќе ја прободам со неколку искршени огледала
дур не почне да крвари и 'рѓосува.
Потоа ќе ти ја треснам од главата
за да се распрсне во проѕирна прашина,
и потоа полека ќе те заборавам.

Потоа, кога ќе остарам голема
веќе нема да има Месечина
за никој друг да не може да ми ја симне.

Saturday, May 5, 2012

Духови


Ми мирисаш на сончев дожд кој се исцедува
од облаци закачени на бодликава жица.
Имаш вкус на разбудено столетие
кое се тркала по изгорено речно корито.
Ме гледаш како да ме познаваш од некој излог
на продавница за сувенири од минатиот живот.

Ме допираш како да сум сечија само не твоја,
ме бакнуваш како да сакаш да сум само твоја,
водиш љубов со мене како да сакаш да сум некоја друга.

Ми се смееш како да сакаш да ме расплачеш
за безгласно да се исплачеме заедно,
сè додека не си отидат сите духови
од оваа куќа без темел и покрив.

Wednesday, March 21, 2012

Сеедно


Тој, таа, тоа - сеедно,
еден ден ќе умре и
не ќе е сеедно.