Saturday, December 31, 2011


Уште малку

Уште само неколку мориња коњак,
уште само еден брег од коцки лед,
уште само една лавина од солзи,
уште само безброј туѓи допири,
уште само оваа зима, и можеби наредните,
уште само сите Снешковци да се стопат,
уште само сите спомени да замрзнат,
уште само со една цигара да го замаглам градов,
уште само сите танго прегратки на светот,
уште малку и сигурно ќе те заборавам. 

Monday, December 12, 2011

Декември

Во декември ѕвездите немаат ни лице ни сенка,
во декември секоја насмевка е само бемка.
Во декември има исто толку црвени образи
колку што има осамени возови.

Во декември како снегулки врнат прегратки,
а никоја да згрее, да затопли, да одмрзне...

Понекогаш декември се случува и на лето,
иако најчесто на есен, а поретко на пролет.

Saturday, December 3, 2011

Ништо

Некако чудно ти стои таа насмевка,
ти ги продлабочува брчките            
и повеќе личи на грч на тоа твое немо лице,
одамна истрошено на тривијалности.

Како да поминале векови,
не те препознавам зад тој поглед без ѕвездена прашина,
ниту можам да најдам некоја сличност
со она што останало како сеќавање.

Само празно, треперливо отчукување
е она што ја исполнува тишината
додека сите гласно спијат
во овој град исткаен од призраци.

Мртви души

Подобро скријте се таму под вашата постела
наместо да му ја фрлата на целиот свет в лице
како да е тоа некој триумф.

Подобро замолчете, гласно замолчете да ве чујат сите
наместо тивко во себе да го сокривате кикотот од одмаздата,
како да е тоа некоја горда навика.

Подобро прогледајте, прогледајте пред да ве ослепат
наместо да мижите пред она што ве повредува,
како да е тоа само ваша болка.

Подобро купи ме
наместо да ми продаваш зборови,
наместо да ме лажеш.