Tuesday, May 15, 2012

Калдрма блуз


Оваа калдрма упорно ја товарам со несоници
а таа немо ги впива во своите пори
каде се таложат како прашинки на мокар јазик.
Залудно чека некој ветрец да ги издува,
со бакнеж или воздишка сеедно.
Залудно, овде воздухот не се менува
ниту кога во душата бури се брануваат.
Само по некој син акорд се стркалува
на нејзините румени образи
и некаде кај вратот се претвора во свирепа дисторзија
која лакомо го гризе и раскрвавува мекото месо.
Додека на нејзините слепи трепки
се лепат грутки туѓи погледи,
се надвиснува новото утро
со мирис на испарен алкохол,
стар љубовник и истрошен паричник.
Сонот успеа итро да ја заобиколи нејзината свест...
Сеедно, и онака тој е привилегија на среќните
и на среќно заљубените.




Saturday, May 12, 2012

Месечина

Кога ќе пораснам малечка
ќе се протнам низ ѕвездите како сениште
и ќе ја дофатам Месечината.
Гласно ќе му ја украдам на заспаното небо
и ќе ја тркалам по дупнатите улици,
ќе ја извалкам во градскиот смог,
ќе ја налепам со туѓи воздишки,
ќе ја прободам со неколку искршени огледала
дур не почне да крвари и 'рѓосува.
Потоа ќе ти ја треснам од главата
за да се распрсне во проѕирна прашина,
и потоа полека ќе те заборавам.

Потоа, кога ќе остарам голема
веќе нема да има Месечина
за никој друг да не може да ми ја симне.

Saturday, May 5, 2012

Духови


Ми мирисаш на сончев дожд кој се исцедува
од облаци закачени на бодликава жица.
Имаш вкус на разбудено столетие
кое се тркала по изгорено речно корито.
Ме гледаш како да ме познаваш од некој излог
на продавница за сувенири од минатиот живот.

Ме допираш како да сум сечија само не твоја,
ме бакнуваш како да сакаш да сум само твоја,
водиш љубов со мене како да сакаш да сум некоја друга.

Ми се смееш како да сакаш да ме расплачеш
за безгласно да се исплачеме заедно,
сè додека не си отидат сите духови
од оваа куќа без темел и покрив.