Wednesday, March 21, 2012

Сеедно


Тој, таа, тоа - сеедно,
еден ден ќе умре и
не ќе е сеедно.

Tuesday, March 20, 2012

Стара мома


Адресата на која се роди не ви ја кажувам.
Веќе одамна престана да се сеќава на детството, но
Тоа не значи дека не продолжи да си игра.
Одвреме - навреме само тоа и го прави,
Бидејќи за друго и не ја бива.
Иако според единствената баба која ја има е „стара мома“
Остана дете кое често плаче само за внимание.
Го љуби секогаш погрешниот и тоа ја прави несреќна,
Ретко оди во театар зашто и тоа ја прави несреќна,
Ако ја видите дека се смее, сигурно е многу несреќна.
Февруари не и е омилениот месец зашто е во зима.
И зимата не и е омилена зашто е студена.
Јас не ја познавам многу за да кажам уште нешто,
А ни таа самата не сака да знаете нешто повеќе од ова.

Saturday, March 17, 2012

...


Ја изгубив доблеста со која некогаш те освоив,
сега сеќавањата ми траат само до следното кафе,
испаруваат заедно со пареата,
се дават во врелината.
Ноќта и денот ги спојувам во еднен бескраен дисфокус,
ги уништувам моментите на нежност
со поприлична доза на иронија.
Повеќе немам омилени нешта кои ќе ме дразнат,
ги истурив во вц-шолјата,
и ги полив со многу коњак.
Не е веќе прашање на време,
тоа и онака ќе постои после нас.
Не е веќе ниту очај или омраза,
и она чувство на заглавена грутка во грлото помина.
Понекогаш да припаѓаш себе си е сешто ти треба,
понекогаш тоа е премалку.
Понекогаш туѓите очи се преплитки за да се удавиш во нив.
Понекогаш моите очи се широко затворени пред туѓите.
Но секогаш, секогаш се туѓи.
Се уште го ставам парфемот што еднаш ми го подари.