Saturday, September 24, 2011

Искреност


Вашите насмевки
не се ништо подобри од моите солзи.
Мислите не можам и јас како вас?
Еве ме, се смеам,
гласно,
неподносливо,
навредливо.
Ќе се смееме заедно,
ако нејќете - јас ќе ве натерам,
ќе ве скокоткам до болка,
ќе ви се исмевам в лице,
ќе ве плукам дур се смеам,
ќе ви чепкам по раните, а вие ништо нема да осетите од смеа,
ќе ви ги признаам сите гадости, а вие ќе се радувате зашто се и ваши,
ќе ви го изгазам достоинство, а вие ќе мислите дека  сте слободни,
ќе ве натерам да си ја исплукате гордоста и тоа да ви биде забавно,
ќе се ситам на сета крв во вашите очи, а вие ќе барате уште зашто крвта има вкус на страст,
ќе ве хранам со горчина исцедена од срцево а вие гладно ќе се грабате за секоја капка.
Ќе ме сакате и мразите повеќе и од себеси.
Ќе ме презирате и ќе ме барате и ќе ме нема.

Мислите дека вашите насмевки се поискрени од моите солзи?

Friday, September 23, 2011

...

Се тркала по челото
неуморно и несмасно,
се превиткува во грчеви,
пулсира во ритамот на срцето,
се дави во капки пот,
се израмнува при секој допир.

Ја гледам секој ден во огледалото
и секогаш е различна.
Понекогаш ми се потсмева,
понекогаш ме сожалува,
понекогаш вреска во сиот свој немир,
понекогаш е виновна и молчи,
понекогаш се срами да ме погледне,
понекогаш е лута и ме мрази...

Но секогаш е тука,
и кога не можам да ја видам,
знам, ја чувствувам.
Една брчка.
 



Tuesday, September 20, 2011

Дожд

Еден дожд
може да стане море,
да го измие сонцето,
да го потопи ветрот,
да ги сокрие звездите,
да ја голтне месечината,
да ја наежи кожата...
Една солза,
или две,
или безброј,
не можат ништо да променат...

Saturday, September 17, 2011

Мирис


Месечината пак ми ги покажува забите
и со крвава насмевка ме води низ ноќта..
Пак се препуштам на своите мамурни чекори;
ме водат низ лавиринт од насмевки и солзи,
ме фрлаат од небото кон земјата и пак нагоре...
Ме мамат сетилата и си поигруваат со моите слабости,
се мешаат времиња минати, сегашни, идни,
а воздухот тежи од густиот мрак кој се лепи за очите...
Насекаде само истрошени луѓе, празни погледи и болни зборови..
... и еден сладок мирис, 
мирис кој долго остана да молчи на моето тело.





Friday, September 16, 2011

Релативност

          Јас си имам свој вакуум простор. Се лепам за стаклото и со денови останувам така, набљудувам од лебдечка положба, од некаде горе каде перспективата е во четири димензии, каде што малкуте што влегле се заебале.... Каде Ајнштајн најверојатно би бил среќен човек, а ние обичните умови се распарчуваме некако непропорционално со времето. Нејќам да се вклопам во реалноста. Реалноста нема суштина. Или барем јас не можам да ја распознаам, некако е недефинирана и безлична, блуткава, без вкус, или барем не по мој вкус.
          Не барам совршенство, но сакам кога луѓето се смеат да знаат зошто се смеат, кога ги боли да плачат, кога ги нервираш да се налутат, кога се извинуваш да ти простат, кога те лажат да ти кажат...

Привид

           Понекогаш се чувствувам како старец... како да имам илјада години. Не, како да ги имам сите години на светот, и минати и идни... како да сум и далеку пред времето и далеку зад него. Всушност, како да сум насекаде низ времето, како да го имам собрано сето минато и сета иднина во својата крв, во своите коски, во своите нерви..  па така ништо не може да ме изненади. Како да знам сè, буквално сè, исто онака како што знам дека еден и еден се два. Како да сум целата вселена и сè што се случува наоколу всушност се случува внатре, во мене. Само што не сум јас таа сила која ги движи работите. Јас само го носам товарот на плеќите, упорно, неуморно и бесконечно. Во еден здив. Ако издишам сè ќе се распрсне на делчиња...
            Понекогаш, пак, се чувствувам како мало дете кое сè уште не проодело. Ништо не му е јасно и ништо околу себе не разбира. Светот го гледа од таму доле и едвај чека да го почувствува тлото под своите мали стапала, верувајќи дека со тоа ќе ја открие тајната. Конечно проодува, ги подава рацете нагоре кон небото кое го учеа дека е сино, кон сонцето кое повеќе не топли, кон месечината која сега е црна дупка... Така исправено, гледа дека сè било лага, дека никогаш нема да разбере бидејќи никој пред него не разбрал, дека вечно ќе лази дури и да научи да лета.

Thursday, September 15, 2011

Невреме

Eте така поминува времето:
се пластат денови,
се трупаат подочници,
жешко е и тешко е,
се лачат морници,
се ткајат воздишки,
солзи душава,
болат очите,
ќе скапе срцето...
ни сенка да прелта,
да донесе ладовина,
да разблажи,
да рече: 
ме боли колку те нема