Thursday, January 26, 2012

Кратко патување во ноќта


Со вкус на глад и празни мечти
го чекам последниот автобус за да ме однесе
во земјата каде снегот најдоцна се топи.
Таму нема шарени балони, ниту весели лампиони.
Таму воздухот е неподносливо гласен,
а ноќта е вгнездена во сината сончевина.
Наместо птици летаат глуварчиња,
а наместо дожд врнат скакулци.
Водите се модро-виолетови,
а во нив пливаат бесмртни риби
со остри заби песјаци.

Еве го автобусот, со лик на волк и мирис на магла.
Во него се стуткани хартиени лица,
како исечоци од „Жална вест“.
Со напор дишам меѓу испотените стакла,
цупкам со мислите низ брчките на „умрените“,
се прашувам кој ги чека и кој ќе им плаче на гробовите?
Ќе никне ли цвеќе од нивние тела под земјата?
А од моето тело, од моето иструлено месо?
И каде ќе ми отиде гласот кога ќе ме нема?

Се симнувам од автобусот и погледнувам нагоре.
Нема ѕвезди, само оловна прашина.
Си купувам една дупната месечина
и им ронам сусам на скакулците.

Tuesday, January 24, 2012

Јас


Понекогаш се замислувам мртва - 
подобро да ги усреќам црвите 
отколку да ви оставам мирис на јазиците.

Sunday, January 22, 2012

Огледала


Во моите очи има искршено огледало.
Светот е подeлен на мали делчиња
со остри рабови и крвави дамки.
Во нив луѓето имаат чудни пропорци и развлечени лица,
а  нивните очи често ја менуваат бојата.
Кога се смеат им растат вампирски заби,
а кога се движат немаат сенки.
Кога се љубат, се гризаат но не оставаат траги,
кога се мразат си личат едни со други,
кога се галат им се брчка кожата.

Често ги мијам парчињата стакло,
најчесто ноќе, кога сите спијат или мижат.
Но дамките не се мијат со горчина од солзи...
Од завист и пакост ги кршам туѓите огледала,
фрлам со камчиња искреност.
Залудно.
Нивниот свет останува цел,
го штитат со ефтини бисери,
силни парфеми и шарена шминка.
Забите им се бели,
насмевките розеви.
Срцата  им се матни,
погледите - проѕирни,
зборовите - јалови,
но толку убави,
толку убави!

Friday, January 20, 2012

Отровна


На дождот ги мијам обрзите заедно со брезите,
ги мијам од солзите, ги кријам солзите со капките.
Со дождот се надвикувам, кој погласно очајува,
ги топам спомените, ги давам во вирчињата.
Од  дождот полека растам заедно со печурките,
оние црвените со бели дамки, оние отровните.





Thursday, January 19, 2012

Црвено

Чувам неколку акорди за тебе,
ете ги, треперат во воздухот.
Ако задоцниш, ќе ги фрлам под првиот воз!

Чувам една цела несоница за тебе,
ене ја, се тркала на покривот.
Ако не дојдеш, ќе и' ја фрлам на Месечината!

Чувам пола воздишка за тебе,
еве ја, испарува низ мојот здив.
Ако ме оставиш, ќе ја фрлам на ветрот!

Чувам нешто невидливо за тебе,
еве го, ми ги бои образите во црвено.
Ако ме заборавиш, ќе го фрлам во снегот,
да изѕемне, да замрзне, да се претворам во зима!

Во мојот град

Во овој град со црвен воздух,
со немирни зраци и сончеви облаци,
во овој град со лепливи ветрови,
со мамурни чекори и сиви темници,
во овој град со дупнати улици, 
со светлечки крстови и камени војници,
во овој град со шарени страници,
со збрчкани старици и изгужвани станици,
во овој град со зачадени мириси,
со познати гласови и заматени погледи,
во овој град со мене,
во овој град без тебе,
има распродажба на стаклени срца.



Sunday, January 15, 2012

Одмазда


Поштеди ме од бакнежи и ласкања,
немој да ме гледаш и посакуваш,
не ми раскажувај вистини,
немој да ме слушаш како се смеам,
не ми ѕиркај во душата,
не ми ја допирај тагата,
не ми го лупи мирисот од кожата,
немој да го гасиш светлото,
не си играј со мојот неспокој,
не ми ги милувај раните -
во нив имам отров,
ќе го пуштам да потече,
ќе се одмаздам за сите пред тебе.