Sunday, February 19, 2012

Непотребен


Ако можеш да го исцедиш утрото од сите мириси на ноќта,
ако можеш да ги исплакнеш очите од сета згрутчена сол,
ако можеш да го излупиш ѕидот од сите мувлосани сенки,
ако можеш да се протнуваш низ клучалки на заклучени врати,
ако можеш да се навикнуваш на нови здивови секој ден,
ако можеш да купуваш бакнежи со проѕирни насмевки,
ако можеш гордо да ме презираш со целата своја суета,
ако можеш да ме заборавиш, случајно или намерно, сеедно,
тогаш не сакам и немам потреба да те познавам.

Tuesday, February 14, 2012

Ние

Ние бевме неподносливо слободни во сопствените окови,
нашето време беше крајно бескрајно истрошено,
ние бевме страшно осамени еден крај друг,
ние можевме да направиме се' и тоа ти беше здодевно.
Ние бевме наивно несвесни за туѓата завист,
нашиот свет го поделивме на мој и твој,
го плукавме и презиравме секој туѓиот,
себично го голтавме секој својот
дур не се задавивме од алчност.

Saturday, February 11, 2012

Зелени

Се будам со џебови полни туѓи прегратки,
ги спростирам да се ветреат
и ги испраќам со бакнеж за среќен пат.

Наследувам твои навики -
пијам црно кафе со вкус на цигара
и мирисам на чоколадо.

Мислам на едни други очи,
со баш таква зелена боја
каква што нема виножитото.