Friday, September 16, 2011

Привид

           Понекогаш се чувствувам како старец... како да имам илјада години. Не, како да ги имам сите години на светот, и минати и идни... како да сум и далеку пред времето и далеку зад него. Всушност, како да сум насекаде низ времето, како да го имам собрано сето минато и сета иднина во својата крв, во своите коски, во своите нерви..  па така ништо не може да ме изненади. Како да знам сè, буквално сè, исто онака како што знам дека еден и еден се два. Како да сум целата вселена и сè што се случува наоколу всушност се случува внатре, во мене. Само што не сум јас таа сила која ги движи работите. Јас само го носам товарот на плеќите, упорно, неуморно и бесконечно. Во еден здив. Ако издишам сè ќе се распрсне на делчиња...
            Понекогаш, пак, се чувствувам како мало дете кое сè уште не проодело. Ништо не му е јасно и ништо околу себе не разбира. Светот го гледа од таму доле и едвај чека да го почувствува тлото под своите мали стапала, верувајќи дека со тоа ќе ја открие тајната. Конечно проодува, ги подава рацете нагоре кон небото кое го учеа дека е сино, кон сонцето кое повеќе не топли, кон месечината која сега е црна дупка... Така исправено, гледа дека сè било лага, дека никогаш нема да разбере бидејќи никој пред него не разбрал, дека вечно ќе лази дури и да научи да лета.

No comments:

Post a Comment